Сведоштво на задоволен пациент опериран од катаракта на двете очи со вградување на мултифокални леќи

Сенада Ибраимова, на возраст од 37 години, по професија дипломиран новинар на работна позиција советник за односи со јавност.
Во месец ноември 2022 година оперирана катаракта на двете очи со вградување на мултифокални леќи.

Првите потешкотии при откривање на катарактата?

Претходно десетина години носев очила со мал диоптер за далеку и некој мал цилиндар. Но, дека имам друг проблем со очите забележав есента 2021 година.
На десното око при дневна светлина ми се појавуваше некое сивило, тој период бев многу оптоварена со работни обврски и мислев дека е од премор или слично.
Како проаѓаше време ми стануваше сѐ полошо и ми пречеше.
Пред почетокот на летото 2022 отидов на очен преглед во една приватна клиника која соработува со ФЗО по препорака на матичниот лекар и таму за првпат докторката рече дека се работи за катаракта, но бидејќи сите апарати не ѝ беа во функција ми препорача да направам и други испитувања на друго место.
Подоцна закажав термин за во болница 8-ми Септември и таму ми беше потврдено дека се работи за катаракта на двете очи, со тоа што морам да признам докторот навистина ме исплаши, кога ми рече дека на десното око ми е напредната и дека може да се јават компликации при операција.
Во меѓувреме веќе имав стапено во контакт со д-р Наум Трпеноски, бидејќи знаев дека долго време работи со вакви операции и е доста искусен и успешен во тоа што го прави. Истиот ден по прегледот во 8-ми Септември му се јавив нему и веднаш ме повика во Промедика Офталмологија на преглед и долг разговор.

Опишете го искуството од прегледот па сѐ до самата интервенција

Во Промедика Офталмологија ми беше направен целосен предоперативен преглед на двете очи и морам да признам дека за првпат после неколку прегледи на други места се почувствував како човек, а не само пациент – бројка, и за првпат беа во функција сите потребни апарати на едно место.

После прегледот д-р Наум Трпеноски разговараше со мене, каде што детално ми го објасни проблемот и на некој начин ми помогна и психички да се подготвам за оперативниот зафат. Тој дел ми беше најбитен во целиот процес, бидејќи едноставно ми беше тешко да прифатам дека на моја возраст ќе морам да вградам вештачки леќи, а таа психичка поддршка не ја добив на друго место, напротив само повеќе ме напнуваше секое одење на преглед во државните клиники.

После 2 часа разговор со д-р Наум, заминав дома посмирена, но сѐ уште недоволно спремна за веднаш да се оперирам. Првично операција закажав за во септември, но поради користење на годишен одмор ја откажав. Кога се вратив повторно разговарав со докторот и конечно по негова препорака, а и моите работни и животни потреби се одлучив за бифокални леќи – за гледање од блиску и далеку, кои патем не ги нуди државното здравство. Искрено, финансиите ми беа малку проблем, ама со оглед на нашиот руиниран државен здравствен систем – немав друг избор, а благодарение и на великодушноста на д-р Наум, добив и одредени попусти.

Зошто д-р Наум Трпеноски?

Докторот го познавав и од претходно, но кога се соочив со овој здравствен проблем, многу подобро го запознав. Освен што лично разговарав со него неколку пати пред операцијата, гледав негови настапи на телевизија, читав интервјуа, каде што многу скромно го пренесува неговото знаење и искуство. Баш ми остана во сеќавање една негова изјава, каде што на новинарско прашање за тоа дали работи и на други области од очните болести, тој вели: „Мислам дека човек треба да го работи она во што е најдобар и најстручен“. Со оваа негова изјава се согласувам од збор до збор и да, д-р Наум е мајстор во својата стручност.

Секако тука не би сакала да го изоставам и целиот негов стручен тим, кои со својот љубезен и грижлив однос ти помагаат да се чувствуваш добро и сигурно. Затоа уште еднаш ќе повторам – во Промедика Офталмологија односот на вработените, целиот стручен кадар и напредната технологија која се користи, ти даваат чувство на грижливост, хуманост и сигурност. Ретки се ваквите големи доктори, пред сѐ луѓе, кои сѐ помалку ги има дури и во приватните клиники.

Двете операции поминаа успешно и без компликации. По направениот постоперативен преглед се испостави дека видот ми е вратен максимум до скоро 100%, како и дека нема да морам да ги носам очилата од претходно. Уште еднаш благодарност до Др. Наум Трпеноски и целиот стручен тим. Ви посакувам уште многу успешни операции и задоволни луѓе кои повторно гледаат.

Споделете го текстот