Фако хирургијата пристигна во очното одделение на струмичката болница...
Фако хирургијата пристигна во очното одделение на струмичката болница. Направени се првите 16 операции на отстранување катаракта односно очно перде. Офталмолозите велат дека тоа е едноставна еднодневна ласерска операција со минимален рез од 2,4 милиметри кој не се шие, па пациентите уште истиот ден одат дома.
Народот има голем бенефит и пациентите веднаш си одат дома истиот ден, или утредента, а после неколку дена можат да почнат со своите работни активности. Намалена е во огромен дел опасноста од инфекции, намалена е и потребата од очила, вели д-р Наум Трпеноски од Градска болница „8-ми Септември“ од Скопје.
Наредниов период додека трае обуката на струмичките лекари нив ќе им помагаат тимови од Градската болница „8-ми Септември“ од Скопје. Воведувањето на модерната офталмолошка техника во струмичкото очно одделение не е важно само за самата болница, туку ќе е од голема корист и за пациентите од регионот кои досега се препраќаа во Скопје, велат лекарите.
Листата на чекање беше предолга, а трпението на пациентите некако беше донесено до една фаза на кулминација а со самото чекање се искомплицира и текот на операцијата, вели Анкица Ангова, директорка на ЈЗУ Општа болница Струмица.
Дисперзијата на фако хирургијата во очните одделенија во болниците низ Македонија ќе ги намали листите на чекање и може да се достигне потребната бројка од 10 илјади операции годишно. Досега, се правеле шест до седум илјади. Инаку струмичката болница пред неколку дена го прошири бројот на оперативни услуги и со урололошка ендоскопија.